вторник, 7. декември 2004.
Димитар Божиков продолжува со Guitarland
Некогашниот гитарист на Меморија и на Морал , Димитар – Мичо Божиков, по неколкугодишната апстиненција од музичката сцена (без оглед што неодамна го видовме во спотот на Олгица Христовска), до крајот на овој месец ќе дебитира со својот самостоен албум Guitarland . Станува збор за гитаристички, инструменталистички проект, на кој се наоѓаат десет теми, авторскодело на Мичо. Имено, на околу 45 минути музика, се поместени следниве композиции: Pink glasses, Chocolate, Guitarland, Deja-vu, July '63, Monista, Oro, Ohrid, Karma и Bizant Rhapsody. Иако во одделни песни може да се насети македонскиот традиционален мелос, во основа темите се гитарски, а освен како автор и гитарист, Божиков учествувал и како програмер на тапани и ги отсвирил сите сајзери. Како специјални гости на Guitarland со своите басови, се забележани Таци и Ѓоле Максимовски. Она што претставува куриозитет врзан за ова цеде е дека на него нема вокални теми, и дека целата приказна поседува одлично спакувана и сосема поинаква гитарска димензија, во која Мичо Божиков апсолутно доминира како велемајстор на својот инструмент... Секоја чест! Патем, Guitarland е сниман во периодот од 2002 до 2004 година во домашното студио на Мичо, со тоа што миксањето е завршено во студиото Тра-ла-ла на Мите Архангел Димовски. Албумот, кој во моментов е на печатење, и кој ќе биде издаден во сопствена режија на авторот, својата промоција треба да ја доживее до крајот на декември (со свирка во живо), до кога треба да биде завршен и спотот за меланхоличната July '63, инспирирана од трагичната судбина на скопјаните, кои настрадаа во катастрофалниот земјотрес 1963 година. Спотот веќе се работи во Томато продукција, истиот го режира некогашниот другар на Мичо од времето на Меморија – Бане Поповиќ, а во истиот, освен снимки од нашето време, ќе има и кадри од трагичното лето ‘ 63. година. По објавувањето на Guitarland Мичо Божиков има намера поинтензивно да и се посвети на својата солокариера. МММ му посакува многу успех!
Иван Бечковиќ музички критичар
среда, 29. декември 2004.
Некои работи доаѓаат бавно, но траат повеќе. Таков е случајот со албумот " Guitarland ". Човекот кој беше задолжен за гитарите во Меморија и Морал (меѓу останатото), конечно се огласи и со своите соло-фантазии. Некој можеби ќе очекува звук каков што имаа споменатите групи, и веројатно ќе бидат малку изненадени кога ќе ги слушнат, но за оние кои го познаваат музичкиот вкус на Мичо, десетте нумери на албумов се најсоодветни.Се работи за 10 инструментали со различно темпо и ритми, во кои, секако, главното место на пиедесталот го има ГИТАРАТА. Таа е во прв план, но не за го задушува целосниот звук. Напротив. Има солажи – да, но мелодијата и звукот во целина се најважни. Инспирацијата, Мичо ја нашол кај одамна етаблираните гитарски херои од периодот меѓу '60-'80- тите, но сето тоа е гледано низ призма на денешницата, модерно по својот пристап и сваќање на инструментот. Честопати, кога се работело за инструментали на други музичари, сум се прашувал зошто композициите имаат токму таков и таков наслов. На " Guitarland " веројатно за првпат целосно почуствував дека насловите не се давани колку нешто да има, туку се бирани по мерка. Само за пример, петтата нумера "July '63" со својот бавен, меланхоличен звук, не може да биде ништо друго – туку сеќавање на скопскиот земјотрес. За разлика од неа, "Pink Glasses" е весела, лесна тема, со асоцијација на лето, одмор, лежалка и бадијалчење. Слична е и "Chocolate" со ситни-вовед "a la Steve Hillage", воздигнување со вкус на чоколада. Ммммм.... така, до последната "Bizant Rhapsody". Албумот "Guitarland", несомнено, ќе си го најде своето место и слушателите кои ќе сакаат често да се навратат на него и да откриваат нови и нови гитарски и човечки емоции.
Миодраг Петровиќ, музички критичар
Насловот упатува на концепцијата на авторот. Македонецот Димитар Божиков длабоко се нурнува во неограничените можности на инструменталната гитарска музика. Албумот го отвара Pink Glasses, песна технички совршено отсвирена, мелодична, но во никој случај со едноставна структура. Гитарата јасно стои во центарот, а суптилно ја допираат звуците на клавијатурата и перкусиите. На Guitarland му успева (и покрај влијанијата на осумдесеттите) постојано да звучи свежо, не попусто една од песните носи наслов Deja - vu. Овој концепт го издига албумот на ниво на проектите со слична продукција. Божиков вложил многу енергија во аранжманите без голема претензија да звучат уметнички. На албумот се препознаваат џез и блуз-рок елементи. Божиков може комотно да се откаже од текстот во песната, бидејќи приказните ги раскажува неговата гитара. Уште една потврда дека добрата музика не познава граници.
Dietmar Hoscher
Head of Blues Department
CONCERTO-06.2005
http://www.concerto.at
hoscher@concerto.at